
Лисиантусот, познат и како тексашко ѕвонче, е едногодишно или двогодишно растение кое природно е распространето во топлите региони на Јужна и Северна Америка, Мексико, Карибите. Висината на стеблото е од 15 cm до 60 cm, во зависност од тоа дали се сади во саксија или пак се одгледува за режано цвеќе.
Има едноставни листови, овални, од сивкаста до синозелена боја, а при врвот се зашилени.
Цвета во средина на летото, цветовите се ѕвонести, со пречник 5 до 7 cm. Може да бидат во разни бои: бела, жолта, розова, зелена, виолетова, или пак двобојни комбинации како што се бела-виолетова, бела-розова.
Ова растение бара многу светлина и редовно полевање, но е осетливo и на премногу влага, што може да доведе до трулење. На лисиантусот најмногу му одговара сончево место со попладневна сенка.
Се размножува со сеење на семе во зима или со резници кои се врзуваат за потпора наесен. Кога се одгледува со сеење, добро е да се држи по пластичен покрив се додека не добие неколку листови за да се спречи исушување. Доколку се користи резница, добро е да се стави потпора.
На отворено треба да се пресадува на 8 до 12 седмици после последните мразови, бидејќи многу се чувствителни на студ и не поднесуваат температура под 5°C.
Лисиантусот потребно е да се пинцира (откинување на врвот) за да се поттикне разгранување и формирање на убава грмушка.
За време на полниот раст потребно е да се прихранува со течно ѓубриво на секои 2 до 3 седмици, а за добро растење потребно е земјата да е добро дренирана, и да биде неутрална до алкална.
Режаниот лисиантус трае најмалку една седмица во вазна, а доколку редовно се менува водата и до две седмици.