
Ова растение потекнува од регионот на Јужна Африка, расте како мали грмушки, а има ситни цевчести цветови и нежни ливчиња како иглички.
Во зависност од периодот во годината цветаат различни вариетети, па може постојано да имаме некое расцутено растение во градината.
Во есен цвета видот Erica gracilis со розови, или пак Erica gracilis alba со бели цветови. Во зима доаѓа Erica hyemalis која има розово-бели цветови кои личат на ѕвончиња. Во пролет цвета Erica wilmorel, а во лето Erica ventricosa.

Иако се сретнуваат како собни цвеќиња, сепак многу подобро се чувствуваат надвор на отворено, во лесна полусенка. Сакаат влага, па потребно е редовно да се полеваат, по можност со дождовница или отстојана вода бидејќи не сакаат варовник.
Ако ги чувате во куќата не дозволувајте коренот целосно да се исуши и повремено прскајте го. Не им одговараат високи температури (најмногу 15°С) и сув воздух па затоа избегнувајте простории со централно греење. Земјата треба да биде растресита, со многу тресет.
Видот Gracilis може да го посадите директно во градината бидејќи е поотпорен од останатите. Во зима ливчињата ќе станат кафени, но на пролет полека ќе почнат да раснат млади гранчиња и целото растение ќе зазелени.
Ако живеете во краеви каде зимите се поостри, тогаш околу коренот ставете ситни гранчиња или ситна кора од дрво за да го заштитите.

За правилно да расте потребно е откако ќе прецвета да се одрежат младите гранки. Дрвенестите делови на растението не ги режете.
Се размножуваат со резници долги околу 3 cm во доцно лето. Употребете мешавина од ½ песок и ½ тресет, отстранете ги долните ливчиња и со стапче направете дупка во земјата каде ќе ја посадите резницата.
Полејте ја и покријте ја со најлон или исечено пластично шише. Секој ден проветрувајте ги садниците 5-10 min за да не почнат да трулат. По 3 седмици резниците би требало да бидат добро закоренети, па отстранете ја прекривката.
Кога купувате Ерика внимавајте на ливчињата. Треба да бидат зелени и ако малку го протресете растението тие не треба да паѓаат.